За македонски видете подолу

Следење и влијаење на климатски политики на локално ниво


Слика: Спас за Валандово

Живееме во моментот кога државата и светот се наоѓаат во комплексна кризна состојба која претставува мешавина од здравствена, општествено-економска и климатска криза. Пандемијата ковид-19 ја нагласи кревкоста на општествено-еконоскиот систем во кој живееме, како и нееластичноста на неговите структури кои тешко се справуваат со товарот кој го нанесуваат моменталните состојби на локално, национално и меѓународно ниво. Имајќи ја во предвид неопременоста на актуелниот систем за ефективно и праведно справување со кризи и намалување на последиците од истите, а кои најсилно ги чувствуваат најранливите членови и заедници во нашите општества, замавот кој го зема климатската криза е уште позагрижувачки.


Граѓанското дејствување во насока на ублажување на климатската катастрофа како и адаптирање кон промените кои ги носи истата е од огромна важност. Дел од ова дејствување се однесува на повикување и на властите и на најголемите придонесувачи кон влошување на кризата, на одговорност. Згора на тоа, од особена важност е и придонесот на граѓанското општество кон креирање на политики кои ќе бидат вкоренети во решавањето на реалните проблеми со кои се соочуваат заради кризата, особено најмаргинализираните индивидуи и заедници.


Граѓаните, граѓанските организации и движења се соочуваат со голема одговорност пред себе. Следење и моќно и здружено влијаење на донесувачите на одлуки особено во сферата на климатските политики е сега потребно повеќе од било кога, на секое општествено ниво; од локално, до национално, до меѓународно. Во текстот подолу споделени се неколку практики и алатки за следење и влијаење на климатските политики на локално ниво.


Следење на климатските политики на локално ниво


Постојат бројни начини да останеме информирани за климатските политики кои се креираат на локално ниво. Истите во голема мера зависат од општината за која станува збор, нивото на транспарентност на работа на локалните власти, постоењето на локални медиуми кои ја следат и информираат за работата на донесувачите на одлуки, функционирањето на локални граѓански здруженија и иницијативи како корективи на властите.


Подолу предложени се неколку места за потенцијално наоѓање и следење на информациите во врска со климатски политики на локално ниво:


  • Документираните седници на Советот на општината која е од интерес и седниците на соседните општини;

  • Стратешките, планските и развојните документи за заштита и унапредување на животната средина во општината за која имате интерес, на пример постоечките:

  • Локален еколошки акционен план (ЛЕАП) за животна средина

  • Локалниот економски развој (ЛЕР)

  • Стратешка оцена на влијанието врз животната средина (СОВЖС)

  • Оцена на влијание врз животната средина (ОВЖС)

  • Социјалните медиуми на општината која е од интерес, како и социјалните медиуми на соседните општини;

  • Веб страните на локални и регионални движења, групи и граѓански организации кои се бават со прашања поврзани со климата, екологијата и животната средина;

  • Социјалните медиуми на локални и регионални движења, групи и граѓански организации кои се бават со прашања поврзани со климата, екологијата и животната средина;

  • Локалните медиуми: радио, веб портали, весници, телевизиски станици.


Влијаење на климатските политики на локално ниво


За ефективни преговори и влијаење на одредени политики како што се климатските, неопходно е да се има точни информации на база на кои може да се консултирате со експерти и правници, со локалните власти, потоа да водите преговори, да лобирате и да вршите притисок во насока на иницирање позитивна промена по климатските прашања. Понекогаш, недостатокот од легитимни информации и нетранспарентноста на носителите на одлуки во однос на климатските политики или политики кои се тесно поврзани со нив, може да биде поттик за дејствување на граѓаните, граѓанските организации / иницијативи / движења.


Неколку чести практики за влијаење на климатските на локално ниво се следните:

  • Разговори и лобирање на членовите на локалниот Совет на општината која е од интерес, поставување на одредени прашања во однос на климатските промени на Агендата на Советот на општината;

  • Разговори и лобирање на Раководителите на Центрите за развој на планскиот регион во кој се наоѓа општината од интерес како и Раководителите на релевантните одделенија кои се дел од Центрите за развој;

  • Спроведување на истражување за конкретниот проблем и пласирање на информации до локалната, регионалната, но и националната јавност за проблемот;

  • Организирање на средби со сите засегнати страни;

  • Организирање на критична маса за решавање на конкретниот проблем преку:

  • Информирање на јавноста за постоењето на одреден проблем

  • Разговори со пријателите и семејството

  • Собирање на потписи и доставување на истите до членовите на Советот на општината и градоначалникот

  • Организирање на јавни собири и дебати

  • Canvassing - одење куќа на куќа и разговори со секој член од заедницата во врска со конкретниот проблем

  • Дефинирање на барања од страна на различните чинители во врска со решавање на проблемот

  • Организирање на креативни герила акции, снимање на видеа, креирање на постери, банери, протести за привлекување на внимание и илустрирање на моќта на здружено граѓанско население

  • Вршење јавен притисок преку медиуми, портали и социјални медиуми

  • Организирање на кампањи за справување со проблемот;

  • Организирање на референдум за директно изјаснување на граѓаните по конкретното прашање;

  • Наоѓање на други соодветни правни инструменти за справување со конкретниот проблем.


Погорниот текст е извадок од брошурата „Алатки и практики за следење и влијаење на климатските политики на локално, национално и меѓународно ниво“. Таа е изготвена со цел да се опремат граѓаните и граѓанските организации со потребните алатки и практики за следење, анализирање и влијаење на политиките поврзани со климатската криза, на локално, национално и меѓународно ниво. Целата брошура е достапна за бесплатно превземање овде.


Брошурата е изготвена како еден дел од проектот COP25 Watch (Климатски набљудувач) кој е имплементиран во текот на 10 месеци, од средината на ноември 2019-та година до средината на септември 2020-та година, од страна на Еко Правда Валандово, со финансиска поддршка од програмата на мали грантови на Цивика Мобилитас.