За македонски видете подолу

Следење и влијаење на климатски политики на национално ниво


Слика: Fridays for Future Skopje (Фејсбук)

Живееме во моментот кога државата и светот се наоѓаат во комплексна кризна состојба која претставува мешавина од здравствена, општествено-економска и климатска криза. Пандемијата ковид-19 ја нагласи кревкоста на општествено-еконоскиот систем во кој живееме, како и нееластичноста на неговите структури кои тешко се справуваат со товарот кој го нанесуваат моменталните состојби на локално, национално и меѓународно ниво. Имајќи ја во предвид неопременоста на актуелниот систем за ефективно и праведно справување со кризи и намалување на последиците од истите, а кои најсилно ги чувствуваат најранливите членови и заедници во нашите општества, замавот кој го зема климатската криза е уште позагрижувачки.


Граѓанското дејствување во насока на ублажување на климатската катастрофа како и адаптирање кон промените кои ги носи истата е од огромна важност. Дел од ова дејствување се однесува на повикување и на властите и на најголемите придонесувачи кон влошување на кризата, на одговорност. Згора на тоа, од особена важност е и придонесот на граѓанското општество кон креирање на политики кои ќе бидат вкоренети во решавањето на реалните проблеми со кои се соочуваат заради кризата, особено најмаргинализираните индивидуи и заедници.


Граѓаните, граѓанските организации и движења се соочуваат со голема одговорност пред себе. Следење и моќно и здружено влијаење на донесувачите на одлуки особено во сферата на климатските политики е сега потребно повеќе од било кога, на секое општествено ниво; од локално, до национално, до меѓународно. Во текстот подолу споделени се неколку практики и алатки за следење и влијаење на климатските политики на национално ниво.


Следење на климатските политики на национално ниво


Како и со политиките на локално ниво, така постојат бројни начини да останеме информирани и за климатските политики кои се креираат на национално ниво. Имајќи во превид дека неколку државни институции се клучни во донесувањето на одлуки околу политики кои влијаат на емисиите на стакленички гасови на национално ниво, честото проверување на новините објавени од нивна страна и во врска со нивната работа, е корисно. Веб страните на некои од нив се следните:


Други институции и ентитети релевантни за следење во однос на градење на климатски политики на национално ниво се следите:


Меѓу другото, некои од овие институции се релативно активни и објавуваат информации и на социјалните мрежи:

Важни извори на информации околу националните состојби и политики во однос на климата, како и нивната имплементација во државата исто така се:

  • Веб страната и блоговите на новинската агенција The Climate Herald, чија цел е да прави јасен преглед на науката и политиките за климатската криза и да ги демистифицира најважните информации за Централна и Југоисточна Европа со главен фокус на Северна Македонија;

  • Веб страната на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ);

  • Веб страната на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ;

  • Веб страните и социјалните медиуми на граѓански групи, иницијативи, организации и движења, на пример:

  • Fridays for Future Skopje, огранокот на меѓународното движење за климатска правда Петоци на иднината

  • Колективот Kolektiv Z - Young FoE Macedonia за социјална и климатска правда

  • Младинската еко-организација Биди зелен, и многу други: Skopje Smog Alarm, SmartUP- Skopje Innovation Lab, AirCare, Македонско еколошко друштво (МЕД), Плоштад Слобода, Нула отпад, НаТочак, Милиеуконтакт, Regional Environmental Center, Fashion Revolution Macedonia, Од нула до нула, O2 иницијатива, EDEN Environment, EkoSvest, и многу други;

  • Национални медиуми.

Информации околу националните состојби, климатски политики и степенот на нивната имплементација на национално ниво може да се најдат и на портали и во извештаи на некои меѓународни институции и организации со фокус на земјите од Западен Балкан и/или регионот:

Влијаење на климатските политики на национално ниво


На процесот на ефективно влијаење врз одредени климатски политики на национално ниво треба да се пристапи од повеќе страни. Во моментот на пишување на брошурата постојат неколку конкретни начини и релевантни платформи за придонес и влијание на политики кои се однесуваат на климата. Тие се:

  • Придонесување со индивидуална визија кон платформата Зелен Глас за колективно визионирање за еколошки-здрава, климатски-безбедна и социјално-праведна иднина за сите во државата и пошироко преку прогресивен национален Зелен договор;

  • Приклучување кон Коалиција на иднината, широка коалиција од меѓусекторска група на луѓе, организации, активисти, движења, експерти, уметници, едукатори, заедници и индивидуи кои заеднички ќе создадат и имплементираат визии за национален Зелен договор;

  • Приклучување кон консултативните процеси за конкретни политики на веб страната на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија каде може да се најдат предлог закони, програми и сл., повици за придонес во подготвувањето на истите и, повици и информации за консултативни процеси.


Освен погорните можности за придонес и влијание на креирањето на национални климатски политики, подолу наведените практики можат да вродат со плод доколку се имплементирани соодветно, заеднички и/или наизменично, во вистинско време:

  • Дали веќе постои група / движење / иницијатива која работи на проблемот? Доколку одговорот е да, контактирајте ги, понудете да придонесете на начин на кој можете. Доколку не постои група која веќе работи на конкратниот проблем, идентификувајте потенцијални соработници и формирајте група самите;

  • Започнете широка кампања за надминување на проблемот;

  • Лобирајте ги носителите на одлуки во релевантните министерства, контактирајте ги преку писма, претставки, е-маилови, со директен контакт (лице во лице);

  • Лобирајте ги членовите на Парламентот; најдете која Комисија и/или работна група работи на темата и конктактирајте ги преку писма, претставки, е-маилови, со директен контакт (лице во лице);

  • Соработувајте со медиуми и новинари кои веќе ја покриваат темата околу конкретниот проблем. Доколку никој се уште не го прави тоа, контактирајте ги самите и пласирајте ја приказната за понатамошно истражување;

  • Најдете и искористете (други) соодветни правни инструменти (претставки до министерства, тужби, и др.) за справување со конкретниот проблем.


Погорниот текст е извадок од брошурата „Алатки и практики за следење и влијаење на климатските политики на локално, национално и меѓународно ниво“. Таа е изготвена со цел да се опремат граѓаните и граѓанските организации со потребните алатки и практики за следење, анализирање и влијаење на политиките поврзани со климатската криза, на локално, национално и меѓународно ниво. Целата брошура е достапна за бесплатно превземање овде.


Брошурата е изготвена како еден дел од проектот COP25 Watch (Климатски набљудувач) кој е имплементиран во текот на 10 месеци, од средината на ноември 2019-та година до средината на септември 2020-та година, од страна на Еко Правда Валандово, со финансиска поддршка од програмата на мали грантови на Цивика Мобилитас.